Русија соопшти дека Кина има право да ги преземе „неопходните мерки за заштита на својот суверенитет“, посочувајќи ја како „јасна провокација“ посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси на Тајван.

Кинеската страна има право да ги преземе неопходните мерки за заштита на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет во врска со проблемот со Тајван, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Руското МНР истовремено го повика Вашингтон „да се воздржи од акции што ја поткопуваат регионалната стабилност и меѓународната безбедност и да ја препознае новата геополитичка реалност во која повеќе нема место за американската хегемонија“.

Претходно синоќа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека посетата ги подгрева „зголемените тензии” во регионот и го обвини Вашингтон дека го избрал „патот на конфликтот“.

Сакаме уште еднаш да истакнеме дека сме целосно солидарни со Кина, нејзиното однесување по однос проблемот е разбирливо и целосно оправдано, рече тој.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека „Вашингтон внесува дестабилизација во светот, ниту еден разрешен конфликт со децении, а многу поттикнати судири“.

Независно од силното противење и негодување на Кина, Пелоси синоќа пристигна во Тајван, што е прва посета на висок американски функционер на островот последните 25 години.

Пекинг предупреди дека нејзиното доаѓање ќе го смета за голема провокација. Кинеската армија соопшти дека ќе „покрене серија насочени воени акции како одговор” на таа посета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.