Борците на руската приватна воена компанија „Вагнер“ кои се наоѓаат во Белорусија би можеле да се претставуваат како мигранти и да влезат во Европската унија, предупреди во саботата полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Полскиот премиер тврди дека руските платеници би можеле да се претставуваат како белоруски граничари за да им помогнат на мигрантите да влезат во ЕУ или, дури, самите да се претставуваат како мигранти и да влезат во Унијата.
„Сега ситуацијата станува уште поопасна. Тоа е сигурно чекор напред кон идниот хибриден напад врз полската териорија“, рече Моравјецки на прес-конференција во текот на посетата на фабриката за оружје во Гливице на југот на Полска.
Неколку илјади борци на „Вагнер“, според процените на Варшава, по еднодневниот бунт против рускиот воен врв како што беше соопштено кон крајот на јуни, а кои не ја прифатија понудата да потпишат договори со Министерството за одбрана, ја искористиле можноста да се префрлат во Белорусија. Минск претходно објави снимки на кои припадници на паравојската ги обучуваат белоруските војници.
Во четвртокот полското министерство за внатрешни работи сооопшти дека Полска, Литванија и Латвија би можеле да ги затворат границите со Белорусија доколку има инциденти со групата „Вагнер“ по должината на нивните граници. Но нивните граници кон Белорусија се заштитени со огради со бодликава жица и главно со строги рестриктивни мерки за минување, а покрај тоа вооружен судир би претставувал конфликт за земји членки на НАТО.
Минатиот викенд белорускиот претседател Александр Лукашенко во разговорот со рускиот колега по должност Владимир Путин инсистираше дека борците на „Вагнер“ ќе бидат задржани во централна Белорусија.
„Бараат да одат на запад, на излет во Варшава… Но, се разбира, ги држам во централна Белорусија , како што се договоривме“, се шегуваше Лукашенко.
Изјавата на полскиот премиер Моравјецки инаку дојде откако претходно во саботата службата за погранична безбедност на Белорусија објави дека полските безбедносни сили изминатата ноќ насилно принудиле од полска на белоруска територија да минат пет мигранти.
Во објавата се обвинуваат полските власти „за уште еден чин на брутален однос“ кон бегалците и мигрантите од блискоисточните и азиските земји кои со лисици на рацете ги носат до оградата којашто ја подигна Варшва во 2021 година кога беше зголемен бројот на мигрантите кои ја минуваа белоруската граница
Минск ја обвинува Варшава дека со употреба на физичка сила и солзавец ги принудуваат мигрантите да премината на белоруска територија преку отворите во оградите оставени за премин на животните.
Во 2021 година Литванија, Латвија и Полска известија за зголемен број нелегални мигранти од Блискиот исток и Африка кои ги привеле на границите со Белорусија. Трите балтички земји членки на ЕУ и НАТО го обвинија Минск дека организирано ги носи мигрантите на нивните граници за да создаде нова мигрантска криза во Унијата. Белорусија ги отфрли тие тврдења и ги обвини трите земје за бруталност кон мигрантите и насилство кон нив во настојувањата да ги вратат на белоруската страна на границата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.