Новата италијанска влада нема да се согласи на уцените на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска премиерката Џорџа Мелони и наведе дека земјата се соочува со некои од најтешките предизвици од Втората светска војна.

Во своето прво обраќање во Парламентот, Мелони рече дека нејзината националистичка, десничарска коалиција ќе направи нејзиниот глас да се слушне во Европа и дека не и треба никаков надзор од странски влади.

Мелони нагласи дека ќе ја продолжи политиката на поранешниот премиер Марио Драги во поддршката на Украина во нејзиниот конфликт со Русија.

Попуштањето на уцените на Путин за енергетските производители нема да го реши проблемот, туку ќе го влоши, отворајќи го патот за натамошни барања и уцени – рече италијанската премиерка.

Таа рече дека владата ќе понуди финансиска поддршка за семејствата и фирмите кои се погодени од енергетската криза, предупредувајќи дека високата цена за тоа ќе значи дека нејзината администрација можеби ќе мора да одложи некое од своите предизборни ветувања.

„Контекстот во кој владата ќе мора да дејствува е многу комплициран, можеби најтешкиот од Втората светска војна“, рече Мелони и предупреди дека економијата може да влезе во рецесија следната година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.