Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, денеска предупреди дека успешен бунт на паравоената група Вагнер ќе значи дека тие ќе дојдат во посед на рускиот нуклеарен арсенал и ќе станат егзистенцијална закана за целиот свет.
„Историјата на човештвото сè уште не го видела најголемиот арсенал на нуклеарно оружје под контрола на бандити, таквата криза нема да биде ограничена на границите на една земја, светот ќе биде доведен на работ на уништување“, посочи тој во соопштението пренесено од руските државни агенции.
Тој додаде дека руските власти нема да дозволат таков развој на настаните.
Медведев го опиша бунтот како „добро испланирана операција насочена кон преземање на власта во земјата“.
Тој тврди дека некои ветерани на елитните руски воени единици, како и странски актери можно е да се вклучени во тоа.
Претседателот на Русија Владимир Путин денеска во вонредното обраќање до нацијата по повикот на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, за вооружен бунт и влез на платенички сили во Ростов на Дон, изјави дека тоа е „предавство“ и вети дека ќе го „одбрани народот“ и Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.