Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев денеска изјави дека претседателските кандидати во САД Доналд Трамп и Камала Харис треба да разберат дека „долевањето масло на огнот“ во конфликтот во Украина е „пат кон третата светска војна“.

„Доколку новиот лидер непромислено долева масло на огнот на руско-украинскиот конфликт, тоа ќе биде многу лош избор, бидејќи тоа е патот до пеколот. Кандидатите треба да го разберат тоа“, рече Медведев во интервју за „Русија денес“ , пренесува агенцијата РИА Новости.

Тој исто така рече дека ќе биде потребно долго време за да се обноват односите меѓу Русија и западните земји.

Медведев оцени дека на чело на Украина има „нелегитимен лидер“, кој претставува група која ја презеде власта, игнорирајќи го парламентот и гледајќи само на сопствените интереси.

„Секоја нова влада, секој нов Мајдан, најверојатно ќе започне со пукање на оние кои владееле порано“, рече тој, според Тас.

Според него, сите закони потпишани од украинскиот претседател Володимир Зеленски се „невалидни“ и се е направено против волјата на народот.

Медведев истакна дека целта на Зеленски и неговиот тим е да останат на власт што подолго, пренесува Танјуг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.