ЕУ ќе ја зајакне заштитата на својата енергетска инфраструктура по инцидентите кои предизвикаа истекување на гасоводот „Северен тек“, изјави високиот претставник на Унијата за надворешна политика, Жозеп Борел. Без работа поради војната во Украина, гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ што ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтикот беа погодени од две подводни експлозии, а Европската унија во средата вети силен одговор на „саботажата“, пренесуваат агенциите.

Во околината на данскиот остров Борнхолм, меѓу југот на Шведска и Полска, забележани се три места каде што истекува гасот, а меурите биле видливи на површина со пречник од 200 метри до еден километар, соопшти претходно данската армија.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки укажува на руската вмешаност. „Јасно е дека станува збор за саботажа, која најверојатно ја најавува следната фаза на ескалација на ситуацијата во Украина“, рече Моравјецки, кој во вторникот го отвори гасоводот што ги поврзува Норвешка и Полска.

„Сите достапни информации покажуваат дека овие протекувања се резултат на намерно дело“, се вели во соопштението на Жосеп Борел. „Ќе ја поддржиме секоја истрага што има за цел целосно да разјасни што се случило и зошто, и ќе преземеме дополнителни чекори за да ја зголемиме нашата отпорност во енергетската безбедност“, додава тој.

Борел вели дека секое намерно нарушување на енергетската инфраструктура на Европа е целосно неприфатливо и ќе биде дочекано со „силен и унифициран одговор“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, на Твитер напиша дека со данската премиерка Мете Фредериксен „разговарала за саботажа на двата гасоводи“.

„Клучно е да се истражат овие инциденти и да се направи се за да се расветлат околностите што доведоа до нив, секое намерно нарушување на европската енергетска инфраструктура е неприфатливо и ќе предизвика најсилна можна реакција“, рече фон дер Лаен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.