Во Унгарија, опозицискиот кандидат за премиер Петер Марки-Зај, за кого се најавуваше дека ќе го замени Виктор Орбан на чело на Владата, во моментов губи во својата изборна единица во Сегедин.

Според досега пребројаните гласови, Лазар Јанош, кандидатот на партијата Фидеш на Орбан, води пред Марки-Зај за десетина проценти. Иако ова не е конечен резултат и се смета дека е базиран главно на гласовите од руралните делови на околијата каде доминира Фидеш, сепак тоа е лош предзнак за здружената опозициска коалиција.

Медиумите од Унгарија и бројните странски набљудувачи на изборите веќе јавуваат дека Орбан по се изгледа ќе извојува нов, четврти мандат како премиер, и дека главното прашање на изборите е дали ќе го задржи двотретинското мнозинство во Парламентот. Како главна причина за овој исход се наведува нелогичното коалицирање на опозицијата, каде од крајно десната националистичка партија Јобик се очекуваше да им помогне на левичарски и крајно левичарски партии за заедно да го победат Орбан. Досегашните резултати покажуваат дека нова националистичка партија, Нашата Татковина (Ми Хазанк) има неочекувано добар резултат на изборите, што укажува дека гласачите на Јобик одбиле да гласаат за шарената коалиција предводена од Марки-Зај, и гласале за Ми Хазанк.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.