Израел изврши 17 напади врз јужните предградија на Бејрут во текот на ноќта, при што синоќа беа погодени шест згради, како и просториите на телевизиска станица поврзана со Хезболах, јавија либанските државни медиуми.

Тоа се случи откако Хезболах истрела ракети во централниот дел на Израел додека земјата почнува да го слави празникот Симхат Тора, пишува „Тајмс оф Израел“

Либанската национална новинска агенција објави за најмалку 17 израелски напади и шест згради уништени околу предградието Лејлаки, опишувајќи ги нападите како „најнасилни во областа од почетокот на војната“.

Нападите следат откако портпаролот на израелските одбранбени сили на арапски јазик Авихаи Адрае на платформата за социјалните медиуми Икс издаде предупредувања за евакуација.

Немаше предупредување за нападот што го погоди квартот Џнах во јужен Бејрут, чија цел беше телевизиската станица Ал Мајадин, која потврди дека нејзините простории биле нападнати, истакнувајќи дека зградата била претходно евакуирана.

Во нападот едно лице загина, а пет се ранети, соопшти либанското Министерство за здравство. Просториите на Ал Мајадин биле погодени од две ракети и „целосно уништени“ во ударот, што предизвикало пожар во просториите, пренесе либанската новинска агенција. Просториите на телевизијата се наоѓаат во близина на поранешните простории на Иранската амбасада во Бејрут и недалеку од контролниот пункт на либанската армија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.