Соединетите Американски Држави се обидуваат да го наметнат „крајот на историјата“ со својата целосна доминација, но текот на историјата и еволуцијата на мултиполарниот свет не може да се запре, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на работна средба со претставници на водечките масовни медиуми.

Шефот на руската дипломатија се осврна на делата на Френсис Фукујама, американски политиколог и филозоф, кој смета дека концептот на крајот на историјата е поврзан со либералната демократија како конечна форма на владеење за сите народи.

„Ако ги погледнете политиките на администрацијата на Бајден, ќе видите дека тоа е токму она што тие го сакаат. Сепак, текот на историјата не може да се запре, бидејќи на историјата нема и никогаш нема да има крај. Човештвото повеќепати отишло преку обидите на една сила да потчини сè и да диктира сè на сите“, нагласи Лавров, пренесува ТАСС.

Во овој контекст, рускиот министер за надворешни работи посочи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и „неговите господари“ не се подготвени за компромис.

„Што се однесува до компромисот, Зеленски за време на неговата посета на САД рече дека праведен мир значи без компромис. Токму затоа е неопходно да се победи Русија не само на бојното поле, како што велат, туку и да се нанесе стратешки пораз на неа, за да се обесхрабрат сите други“, предупреди Лавров и заклучи дека огромното мнозинство земји во светот тоа многу добро го гледаат и разбираат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.