Русија не планира да ги отстрани своите војници од нуклеарната централа „Запорожје“, каде што го обезбедуваат објектот, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Сега нема дискусија за повлекување на војниците“ од нуклеарната локација во Запорожје, рече Песков за време на брифингот со новинарите во понеделникот.
Дискусијата е за принудување на украинската страна да го запре варварското гранатирање на објектите на територијата на централата, што може да доведе до тажни и катастрофални последици.

Портпаролот на претседателот Владимир Путин се осврна на ова прашање откако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во неделата објави дека започнале консултации „за формирање нуклеарна и физичка безбедносна зона“ околу централата Запорожје.

Русија повторно ги повикува „земјите кои имаат влијание на украинската страна“, да го искористат тоа влијание „за да престане ова гранатирање што продолжува на дневна основа“, рече тој.

Нуклеарната постројка Запорожје, која е најголема во Европа, е под руска контрола од март, но се уште е управувана од украински персонал.

Објектот и блискиот град Енергодар беа под постојани ракетни и артилериски напади во последните недели, за што Москва го обвини Киев. Исто така, се вели дека руските сили одбиле неколку обиди за повторно заземање на централата од страна на украински диверзанти.

Москва предупреди дека континуираното гранатирање на нуклеарната локација може да предизвика катастрофа што ќе го засени инцидентот во Чернобил во 1986 година и ќе влијае на многу земји во Европа.

Украина тврди дека Русија ја претворила централата во воена база и дека самата ја гранатира за да ја префрли вината на Киев. Руските власти ги отфрлија тие обвинувања.

По повеќекратните повици на Москва, тим од инспектори на МААЕ ја посети нуклеарната централа Запорожје на почетокот на септември. Нуклеарното тело на ОН побара „веднаш да се запрат сите напади врз централата“, но се воздржаа од идентификување на страната одговорна за гранатирањето.

Во неделата, последниот работен реактор од шест во објектот беше исклучен од безбедносни причини. Владимир Рогов, член на управата на регионот Запорожје, рече дека централата би можела да биде рестартирана откако контактната линија меѓу руските и украинските сили ќе биде подалеку од неа и ќе се поправи далноводот што бил оштетен од напаѓачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.