Кремљ потврди дека сите четири украински регион кои неодамна ги анектираше се под заштита на рускиот нуклеарен арсенал. На новинарското прашање дали тие региони се под рускиот нуклеарен чадор, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа:

Сите тие територии се неотуѓив дел на Руската Федерација и сите се заштитени. Нивната безбедност е загарантирана во иста мера како и остатокот од руската територија.

Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец порача дека Москва е спремна, ако биде потребно, да го искористи нуклеарниот арсенал за одбрана на територијалниот интегритет на Русија.

Американскиот претседател Џо Бајден на почетокот на овој месец оцени дека светот е најблиску до „судниот ден“ од Кубанската криза во 1962 година. Путин претходно изјави дека анектираните украински региони „засекогаш ќе бидат дел од Русија“. Но, Москва не ги контролира целосно тие области и допрва треба да ги дефинира нивните граници.

Кремљ објави дека изгледа дека истрагите за саботажите на Северен тек се водат со намера вината лажно да се префрли на Русија. Песков кажа дека „елементарната логика покажува дека штетата на гасоводот е удар врз руските интереси“. Додаде дека истрагата се води тајно и без учество на Москва.

Главно е како изгледа во јавноста, според изјавите кои ги слушаме до Германија, Франција и Данска: таа истрага всушност е отворена за да се обвини Русија – кажа тој.

Рускиот вицепремиер Александар Новак  минатата недела кажа дека на Русија треба да ѝ се дозволи нејзини бродови да спроведат истрага за експлозиите кои ги оштетија цевките на Северен тек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.