Сирени за воздушен напад се огласија попладнево и на југот и на северот на Израел, по што бил истрелан бараж ракети од Појасот Газа и Либан.

Исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Газа и е присутен и во Либан, ја презеде одговорноста за истрелувањето ракети од земјата кон северен Израел.

Како што е соопштено, либанскиот огранок на Хамас истрелал 30 ракети врз градовите Нахарија и Шломи.

Израелската армија потврди дека биле истрелани дваесетина ракети и оти одговорила со артилериски оган.

Израелските медиуми денеска јавуваат за ракетирање и пукање од јужен Либан во правец на северен Израел и оти судирите меѓу израелската армија и либански Хезболах и другите екстремистички организации продолжуваат додека трае војната во Појасот Газа.

Сирените се огласија во неколку населени места во северниот дел на Израел, меѓу кои Нахарија и Кирјат Шмона, со население од околу 90.000 жители.

Претходно денеска врз еден кибуц во близина на границата беа истрелани два наведувани противтенковски проектили, но нема повредени, а израелската армија одговори со артилериски оган.

Се проценува дека денешниот ракетен напад од Либан во северен Израел е најтешкиот по нападите на Хамас врз јужниот и централниот дел на Израел на 7 октомври, со кои почна војната.

Нападите од Либан го најавуваат отворањето на вториот фронт за израелската армија додека се подготвува да почне копнена офанзива на Појасот Газа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.