Европа мора да се подготви за вториот најголем мигрантски бран после седум години, бидејќи во спротивно се заканува хаос, предупредува експертот по миграции, Гералд Кнаус.

Кнаус за австрискиот весник „Клајне цајтунг“ вели дека војната во Украина предизвикала огромен бран бегалци што за само две седмици го надминал вкупниот број бегалци за време на воените судири при распадот на поранешна Југославија.

Тој укажува дека споредбено со мигрантскиот бран од 2015 година голема предност е тоа што овојпат ЕУ делува единствено и не мора да се чека на одобрување од државите-членки. Меѓутоа нагласува дека е потребно одлучно дејствување со соодветна поддршка на населението.

Кнаус вели дека е неопходна организација на активностите за прифат на бегалците бидејќи доколку не се успее во префрлањето на луѓето во подрачјата каде е декларирана подготвеност за нивен прифат повторно се заканува хаотична ситуација.

Тој истакнува дека наредните седмици милион луѓе, пред се преку Австрија и Германија, ќе талкаат низ Европа во потрага по сместување доколку организацијата потфрли.

Актуелниот бран бегалци не може да се спореди со бегалската криза од 2015 година кога во Европа дојдоа многу помалку луѓе, така што според него, тогашниот бегалски бран претставува само вежба за она што претстои.

Според неговите зборови, Европа би требало да воспостави штаб предводен од поранешни лидери и експерти за комуникација за соодветна реакција, притоа посочувајќи го како пример поранешниот американски претседател Барак Обама како политичка величина што може да издејствува прифат на бегалци и надвор од ЕУ.

Инаку, според напишаното во неговата книга, Кнаус смета дека ниту една држава во ЕУ не е подготвена за она што претстои.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.