Извештај на западните разузнавачки служби покажал дека кинеските власти во почетокот на февруари побарале од високите руски функционери да почекаат да завршат Олимписките игри во Пекинг пред да ја почнат инвазијата во Украина, соопштија американските власти во средата.

САД го сметаат извештајот за веродостоен, но неговите детали се отворени за толкување, рекол еден извор запознаен со податоците, пренесе Си-ен-ен. Иако барањето било упатено околу времето кога рускиот претседател Владимир Путин го посети Пекинг на церемонијата на отворање на Олимпијадата, каде што се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, од извештајот не е јасно дали Путин директно зборувал за ова прашање со Си, рекол изворот.

Њујорк тајмс прв го објави постоењето на извештајот.

Во тоа време западните разузнавачки претставници претпазливо го следеа Путиновото трупање војска на украинската граница и очекуваа дека Путин може да одложи каква било воена акција сѐ до крајот на Олимпијадата за да избегне да ја налути Кина. По средбата на Путин и Си на маргините на Игрите, Москва и Пекинг објавија заедничка изјава во која изјавија дека нивното партнерство „нема граници“ и го осудија проширувањето на НАТО – клучен столб на оправдувањето на Путин за нападот врз Украина.

Таа изјава ја зголеми загриженоста на Западот за растечкиот сојуз меѓу Кина и Русија.

Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон, рече: „Тврдењата споменати во релевантните извештаи се шпекулации без никаква основа и имаат цел да ја префрлат вината и да ја оцрнат Кина“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.