Кина порача дека никогаш нема да се согласи на компромис за прашањето за Тајван како дел од првите воени разговори со САД од 2021 година, јавува Би-би-си.

Кинезите ги повикуваат САД да престанат да го вооружуваат Тајван и да ја сфатат сериозно нивната загриженост.

„Кина ја изрази својата подготвеност да развие здрави и стабилни воени односи со САД врз основа на еднаквост и почит“,

се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Кина тврди дека Тајван е дел од кинеската територија, но Тајван се смета за физички и политички одвоен од кинеското копно. Ова се случува само неколку дена пред клучните избори во Тајван, кои би можеле да ја приближат или да ја оддалечат земјата од Пекинг.

Кинеското Министерство за одбрана во своето соопштение, исто така, наведува дека САД мора сериозно да ја сфатат загриженоста на Кина додавајќи дека Пекинг нема да направи никаква отстапка или компромис за тајванското прашање и ќе продолжи да бара американската страна да го почитува принципот на една Кина и да престане да го вооружува Тајван и да ја поддржува неговата независност.

Тајван е клучна фокусна точка во борбата меѓу Кина и САД за превласт во Азија. Во август 2022 година, Кина одби да ги продолжи преговорите во знак на протест откако тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.