Лидерите на економската заедница на западноафриканските држави ЕКОВАС (ECOWAS) в четврток планираат да се состанат во главниот град на Нигерија, Абуџа, за да ги договорат натамошни чекори за справување со кризата во Нигер, земјата која на 26 јули беше преземена од воената хунта, за ДПА соопшти портпаролот на ЕКОВАС.
Петнаесетчлената организација минатата недела им постави седумдневен ултиматум на новите власти, кои со државниот удар ја презедоа власта во земјата. Ултиматумот, со кој се повика новата хунта да го врати претходниот претседател, Мохамед Базум, истече вчера. ДПА појаснува дека во ултиматумот беше наведено дека организацијата ќе преземе и посериозни мерки, што може да вклучат и насилство, доколку Базум не биде вратен на власт.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу е актуелен претседател на ЕКОВАС. Мали и Буркина Фасо се суспендирани од оваа организација откако нивните влади беа преземени од војската со државни удари. Двете земји, кои ги делат границите со Нигер, застанаа на страната на новите власти во Нигер и се заканија дека секоја интервенција во оваа земја ќе ја сметаат за „објавување војна“, потсетува ДПА.
Базум беше уапсен, сменет и заменет со лидерот на пучот, командантот на претседателовата гарда, генерал Абдурахаман Тчиани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.