Во својата нова публикација Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) насловена како Чад на хоризонтот анализира дека како што се зголемува приливот на оружје во руско-украинската војна, така паралелно се зголемува и ризикот од потенцијалниот шверц на истото надвор од границите на војната.

 

 

Александар Србиновски, координаторот за Македонија и Југоисточна Европа за ГИ-ТОК, информира дека ова истражување било спроведено во 2023 и 2024 година на територијата на Украина и во државите од Западна и Источна Европа и Балканот.

 

 

– Во истражувањето вршевме собирање на цените на црниот пазар за оружјето во Украина, во Европа и на Балканот, под претпоставка дека ако се изврши споредба на цените во различни локации, ќе се дознаат и потенцијални промените во овој нелегален бизнис. Токму сублимираните податоци на овој начин на глобално ново ќе ни ја расветлат и природата на понудата и побарувачката на нелегалното оружје на национално и транснационално ниво – вели Србиновски.

Според него податоците во истражувањето се добиени од најмалку стотина интервјуа со претставници на полициите на државите во Европа, истражувачките новинари, универзитетските професори како и претставниците на подземјето во бројните земји.

– Квалитативните интервјуа со извори од подземјето, органите на прогонот, новинарите и други помогнаа да се разјасни сликата за овој проблем во однос на податоците за побарувачката за оружје кај криминалците, апетитот за ризик и потенцијалните двигатели и бариери на овие структури. За да ја имаме целосната слика се изврши и собирање на информации за заплени и официјални извештаи за огнено оружје и истражување за трговијата на оружјето на дарк веб интернет страниците – објаснува Србиновски.

Што се однесува на Балканот, додава Србиновски податоците во публикацијата Чад на хоризонтот, велат дека барем засега не постои доказ дека балканските криминални групи шверцуваат оружје кон и до украинските фронтови, но она што е многу загрижувачко е дека цената на нелегалното оружје е во пораст во регионот, а тоа е пак иницира дека за оружјето на Балканот расте и побарувачка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.