Израелската војска почна да пумпа морска вода во огромниот комплекс на тунели на Хамас во Газа, според американски официјални претставници запознаени со израелските воени операции, како дел од интензивните напори за уништување на подземната инфраструктура на Хамас, објави Ројтерс.
Некои претставници на администрацијата на Бајден, цитирани од Волстрит журнал, рекоа дека процесот може да помогне во уништувањето на тунелите, каде што Израел верува дека милитантната група крие заложници, борци и муниција.
Други официјални лица, сепак, изразија загриженост дека морската вода ќе го загрози снабдувањето со свежа вода во Газа.
Израелската војска веднаш не ги коментираше извештаите. Исто така, портпаролот на израелското Министерство за одбрана не одговори веднаш на барањето за коментар.
Потегот да ги поплави тунелите со вода од Медитеранот, кој е во рана фаза, е само една од неколкуте техники што Израел ги користи за да се обиде да ги расчисти тунелите и да ги уништи, пишува Волстрит журнал.
Цитирајќи американски официјални претставници, Волстрит журнал објави дека израелските одбранбени сили минатиот месец инсталирале пет големи пумпи за вода во близина на бегалскиот камп Ал Шати во градот Газа, кои се способни да ги поплават тунелите во рок од неколку недели со пумпање илјадници кубни метри вода на час во нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.