Наталија Вовк, осомничената за убиството на младата московска новинарка Дарја Дугина, би можела да биде уценета од украинската полиција поради проблемите кои ги имала со нејзиниот син Данило, сметаат нејзините роднини.

Данило е мобилизиран и е во украинската армија. Братучедката на Наталија, Оксана Сошенко, мисли дека таа ја следела Дарја Дугина, но дека некој друг го поставил експлозивот на автомобилот од кој таа загина.

И руската полиција се сомнева дека Наталија имала помошници и сега трага по нив.

Мајката на Наталија тврди дека не знаела каде е нејзината ќерка.

Во Москва имаат доволно докази дека Наталија Вовк е главниот актер во терористичката акција на ликвидацијата на Дарја Дугина, а еден од доказите е дека таа постојано ги менувала регистарските таблички на автомобилот „мини купер“ во кој пристигнала во Москва со 12-годишната ќерка Софија. Таа имала комплет документи за секој нов регистарски број. Сето ова потврдува и дека украинските служби, најверојатно со помош на Британците, се обиделе да направат се да биде што е можно поубедливо.

Покрај тоа, кога на 23 јули ја преминала руската граница, била русокоса, а потоа во Москва се офарбала црна.

Некој морал да ѝ помогне на Наталија Вовк да изнајми стан во истата зграда во која веќе живееше Дарја Дугина на улицата Вернадского, во близина на метро станицата „Југозападна“. На паркингот нивните автомобили биле оддалечени само десет метри, наведуваат светските медиуми.

Украинските власти негираат дека биле вмешани во овој атентат. Во вторникот, после „Кримската платформа“, претседателот Зеленски им рече на новинарите дека Украина не е одговорна за убиството на Дарја Дугина, бидејќи таа не била државјанин на Украина и убиството не се случило во Украина.

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова изјави дека тврдењето на Зеленски е нова алка во синџирот на лаги. Захарова објасни дека во Украина постои екстремистичка веб-страница „Миротворец“ на чиј список била Дарја Дугина, покрај чие име било напишано – ликвидирана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.