Заедничка изложба наречена „Заедно“ на уметници од Бугарија и Македонија беше отворена синоќа во зградата на Европскиот парламент во Брисел од европратеникот Илхан Ќучук. Специјален гостин на настанот беше претседателката на ЕП Роберта Мецола. Според неа, Европската Унија и Парламентот се посветени на унапредување на долгорочните односи меѓу Бугарија и Македонија.

„Ќе продолжиме да ги охрабруваме двете земји на дијалог и работа за заедничка европска иднина. Оваа изложба има за цел да го прослави заедништвото меѓу Бугарија, Македонија и Европскиот парламент“, рече специјалната гостинка на отворањето на изложбата, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Иницијатор на изложбата е лидерот на европските либерали Илхан Ќучук.

„Европската унија и нејзината генеза е приказна за самото обединување. Тоа е најживописната слика која го прикажува успешното надминување на гордоста и разликите, во име на мирот, просперитетот и заедништвото. Верувам дека овој пат треба да биде пат за напредок и за Бугарија и за Македонија. Двете земји треба да ги продлабочат своите добрососедски односи и да се залагаат за интеграција на регионот во Европската унија. Ова е пример дека културата е мост кој обединува и не познава граници, дека културата има моќ да се издигне над сите разлики. И благодарам на директорката на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, Антонија Велева, која во ноември, во присуство на министрите за култура на Бугарија и Македонија, изрази желба да ја претстави изложбата на ЕП. “, истакна Илхан Ќучук на отворањето на изложбата.

На отворањето присуствуваа постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ амбасадорот Румен Александров, амбасадорот на Македонија во Европската Унија Зулфи Исмаили, кустосите Ана Франговска од Македонија и Атанас Андасаров од Бугарија, европратеници, претставници на дипломатскиот кор во Брисел и претставници на медиумите.
„Заедно“ за првпат беше претставена во Скопје на 25 ноември 2022 година, кога свечено беа отворени новите простории на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и беше дел од годишната програма на институцијата. Од бугарска страна на изложбата учествуваат скулпторката Снежана Симеонова со делото „Форма“ и сликарите Свилен Блажев со „Рабош“, Вихрони Попнеделев со „Триптих“, Греди Аса со „Историја“ и „Внатрешен простор“; Надежда Кутева со „Манастирот 1“ и „Градски пејсаж“ и Атанас Андасаров со „Св. Наум“ и „Персимон“ и други.

Од уметниците од Република Македонија на изложбата се претставија сликарите Жанета Гелевска-Велјаноска со делото „Пејзаж“, Симонида Филипова-Китановска со „Композиција“, Илија Кочовски со „Пејзаж 2“, Александар Станкоски со „90.000 овци“, Жаклина Глигориевска-Кочоска со „Возбуда или за потеклото“, Марина Цветановска-Мартиновска со „Ни на небо ни на земја“, Дијана Томиќ-Радевска со „Цветовите на Галичник 1“, Марина Лешкова со „Галичник“ и други, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.