Во истражување објавено денеска од неколку западни медиуми се дознава дека „Хавана синдромот“, изразен преку разни здравствени симптоми од кои се пожалија стотици американски дипломати и службени лица во мисиите на САД во странство, е поврзан со напади од руското воено разузнавање ГРУ.

Според информациите на рускиот медиум „Инсајдер“, американската телевизиска компанија „Си-Би-Ес“ и германското списание „Шпигел“, случаите со таканаречениот „Хавана синдром“ се совпаѓаат со патувања на вработени во армискиот дел на ГРУ 29155. Некои од тие вработени се сомничат дека го отруле поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал. Во истражувањето се истакнува дека две жртви на нападите идентификувале на фотографии вработени во ГРУ.

Се укажува на случаи кога американски дипломати или членови на нивните семејства во Франкфурт, Белград, Тбилиси, Грузија и во Кина биле жртви на напади со тајно акустично оружје развино од Сергеј Чепур, професор и раководител на научно-истражувачкиот институт за воена медицина во Санкт Петербург (ВМЕДА). Се работи за апарати за зрачење на фокуисиран микробранов сигнал при што лицата изложени на ова оружје чувствуваат ненадејно гадење во стомакот, вртоглавица, звучни халуцинации и тинитус, нарушена рамнотежа, а во многу случаи кај некои американски службеници симптомите останале трајни поради оштетување на делови од мозокот.

Една од вработените во конзуларниот одел на САД во Франкфурт го познала од фотографија вработениот во ГРУ Јегор Гордиенко, кој „одел околу станбениот комплекс каде живееле вработени во конзулатите, и ја фотографирал територијата“, се вели во истражувањето.

Руските оперативци за да стигнат до крајните дестинации летале транзит низ неколку земји за да не се оставаат траги и открие крајната намера. А во случајот со инцидентите во Кина, дури и организирале авто рали „Свилен пат“, преку кое агенти лесно влегувале во Кина. Овие посети се совпаѓаат со случаи слични на „Хавана синдромот“ кога од него се пожалил информатичар на Стејт департментот во Шангај, како и група Американци кои работеле во Гуанжој.

За таканаречнот „Хавана синдром“ почна нашироко да се дискутира од 2016 година откако вработени во американскиот конзулат во Хавана почувствуваа ненадејно повраќање, вртоглавица, висок притисок, разни звуци во главата, проблеми со фокусирање и тешко спиење. Во следниот период со вакви симптоми заболеа стотици американски дипломати и вработени во мисиите на САД во разни земји во светот.

Во 2023 година Одделет на директорот на национално разузнавање (ОДНИ) укажа дека е „малку веројатно“ дека симптомите се предизвикани странски непријател. Истовремено, група американски експерти од медицината дојде до заклучoк дека непознатата болест може да биде предизвикан од надворешни дразнители како импулсно микробраново зрачење или, помалку веројатно, од ултразвук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.