Украинскиот град Житомир денеска беше цел на уште еден воздушен напад, информира градоначалникот Серхи Сухомлин во две видео пораки објавени вечерва на Фејсбук.
Вчера Сухомлин рече дека станбена зграда и голема текстилна фабрика во Житомир биле уништени од руските воени напади, а во саботата беше срамнет дел од украинска фабрика за тенкови надвор од Житомир, потврдено со геолокацирано видео од последиците, јавува Си-Ен-Ен.
Во денешната објава градоначалникот рече:
Штотуку беше извршен воздушен напад. Погодена е термоцентралата Житомир и цивилна зграда.
Градоначалникот рече дека во погодената цивилна зграда имало една постара жена, која се криела во подрумот. Таа излегла жива со полесни повреди.
Градоначалникот, исто така, рече дека сите прозорци биле искршени во две болници, вклучително и детска болница, но дека нема жртви и дека сите биле во засолниште од бомби. Сухомлин додаде дека ќе напише писмо со благодарност до лекарите за „одличната работа“.
Засега нема жртви поврзани со нападот на термоцентралата, но централата „најверојатно“ ќе мора да биде затворена, според градоначалникот. Централата напојува голем дел од градот, рече тој, обезбедувајќи топлина на 30 отсто од Житомир. Сухомлин рече дека официјалните лица ќе дадат се од себе за повторно да ја стават во функција термоелектраната.
Сухомлин соопшти дека градот ги исклучува уличните светла откако украинската армија ги советувала официјалните лица да го сторат тоа бидејќи руските воздухопловни сили „ја смениле стратегијата“ со авиони кои летаат „многу ниско“.
Се држиме. Имаме ноќ пред нас и разбираме дека може да биде многу жешка. Русите сфаќаат дека губат на сите фронтови. Тие повеќе не го бараат она што го бараа. Треба да опстанеме и да продолжиме да се држиме, рече градоначалникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.