Најголемата германска издавачка куќа Аксел Спрингер, која меѓу другото го издава таблоидот Билд, најави масовни отпуштања и делумна замена на отпуштените вработени со вештачка интелигенција, објавија во средата германските медиуми. Ќе мораме да се збогуваме со колегите кои досега ги извршуваа функциите што сега ги извршува вештачката интелигенција во дигиталниот свет“, стои во интерниот мејл што менаџментот им го испратил на вработените.

Во редакцијата може да се отстранат многу позиции поврзани со лекторирање или визуелен дизајн на страницата. Како што јави германската новинска агенција (dpa), засега е предвидено да бидат отпуштени повеќе од 200 вработени. Раководството на Аксел Спрингер објави дека целта е „социјална грижа“ за работниците кои би останале без работа.

Отказите и зголемената употреба на вештачката интелигенција се поврзани со стратегијата за целосно свртување кон дигиталното издание на дневните весници како Bild или Die Welt и укинување на печатените изданија. Од мерките за штедење беа погодени и подрачните канцеларии на оваа издавачка куќа. Билд е сè уште најтиражниот германски дневен весник со околу 1,1 милион отпечатени примероци.

Но, во последните години, тиражот е во постојан пад. Билд во 2013 година продаде двојно повеќе печатени примероци од денес. На крајот на 2021 година, Билд го отпушти главниот уредник Џулијан Рајхелт, поради обвинувања за злоупотреба на моќта и сексуално вознемирување на колешките, а правната битка против него сè уште трае.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.