Германија сака да ја искористи Конференцијата за иднината на Европа како почетна точка за понатамошно развивање на ЕУ, евентуално менување на договорите и укинување на едногласното одлучување за прашањата за надворешната политика на ЕУ, изјави германската државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман во интервју за „Еурактив“.

Германија беше еден од најжестоките поддржувачи на конференцијата и плановите за реформи во ЕУ што произлегоа од неа. Тоа е „затоа што нашата визија е да соработуваме уште посилно и уште подлабоко во Европа“, нагласи Лирман.

На пленарната седница на конференцијата беа изнесени речиси 50 предлози, вклучително и напуштање на принципот на едногласност во надворешната политика на ЕУ.

Капацитетот на ЕУ да дејствува е тесно поврзан со нејзиното предвидено проширување, рече и Лирман.

Навистина, двете прашања припаѓаат заедно. И за мене е јасно дека ако ЕУ расте, мора да се запрашаме и во овој контекст какви институции ни се потребни за ова- додаде таа.

Министерката додава дека тоа е особено важно во однос на перспективата за пристапување во ЕУ на Западен Балкан, бидејќи сега мора да „постигнеме значителен напредок“ со што поскоро отворање на пристапните преговори со Албанија и  Македонија.

За мене е јасно дека треба да останеме на нашите ветувања. И има многу јасни правила во процесот на пристапување. Значи, ако се направат реформи, тогаш овие земји ќе дојдат чекор поблиску до ЕУ – додаде таа.

Затоа мора брзо да се иницираат институционални реформи пред овие земји да влезат во ЕУ.

Ние како ЕУ мора да ја завршиме нашата домашна задача и да се поставиме институционално за да можеме добро да функционираме и како ЕУ од 33, па дури и повеќе – додаде таа.

Сега би било важно „ние, како ЕУ, да дадеме и навистина да ги иницираме институционалните реформски процеси споменати на Конференцијата за иднината на Европа“, додаде Лирман.

Важноста на конференцијата, која формално завршува денеска (9 мај), веќе беше наведена во германскиот коалициски договор. Во него се наведува дека конференцијата треба да резултира со „уставен момент“ за ЕУ и да доведе до „понатамошен развој кон федерална европска држава“.

Поради оваа причина, Лирман се залага дека „резултатите од идната конференција треба исто така да се дискутираат со отворен ум, вклучително и со отвореност за промени во договорите“.

Централна точка на нашата европска политика е да промовираме динамика во оваа насока. И се надевам дека наскоро ќе биде зрело времето за ова – рече Лирман.

Лирман бара примарниот фокус на краток рок да биде на предлозите кои не бараат промена на договорот.

Има многу големи работи, на пример, во областа на обновливите извори на енергија или зајакнувањето на европските одбранбени способности – рече таа.

Сегашните договори веќе дозволуваат укинување на принципот на едногласност во надворешната политика на ЕУ. Тие овозможуваат и воведување транснационални листи, за кои во моментов се преговара.

Една точка што е исклучително важна за нас како федерална влада е дека има помалку опции за вето во надворешната политика за да нè направат поспособни да дејствуваме. За тоа веќе има опции во сегашната договорна рамка. И сега треба да разговараме заедно како европски институции како најдобро да го постигнеме тоа – рече Лирман, во интервјуто за „Еурактив“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.