Франција, под притисок на хуманитарните организации, денеска врати во земјата 15 жени и 32 деца кои беа затворени во кампови за екстремисти на североистокот на Сирија.

Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека малолетниците ќе бидат предадени на службите задолжени за помош на децата и ќе бидат под медицински и социјален надзор, додека возрасните ќе бидат предадени на соодветните судски власти.

Ова е трета поголема репатријација на овие лица по операцијата на 5 јули 2022 година, кога Франција прими 16 мајки и 35 малолетници и онаа во октомври кога беа вратени 15 жени и 40 деца.

Жените и децата што се вратија денеска, роднини на екстремистите на Исламската држава, се задржани во затворскиот камп Роџ, кој е под курдска управа и се наоѓа на околу 15 километри од ирачко-турската граница.

Франција беше особено погодена од екстремистичките напади организирани од групата Исламска држава, особено во 2015 година.

Француските власти се заблагодарија на локалната власт во североисточна Сирија за соработката и олеснувањето на оваа операција.

Операцијата беше спроведена веднаш откако Комитетот на ОН против тортура ја осуди Франција дека не ги враќа француските државјанки од затворските кампови во североисточна Сирија.

Тие Французинки доброволно заминаа на териториите под контрола на екстремистичките групи во зоните во Ирак и Сирија. Тие беа заробени кога организацијата Исламска држава падна во 2019 година. Голем број нивни деца се родени во камповите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.