Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе го посети Киев во вторник на Денот на Европа 9-ти мај, и ќе се сретне со украинскиот претседател Володомир Зеленски, објави во понеделникот портпаролот на Комисијата.
„Претседателката на Комисијата ќе ја потврди непоколебливата поддршка на Европската унија на Украина“, изјави портпаролот Ерик Мамер.
Тоа ќе биде петтата посета на претседателката на извршното тело на ЕУ на Украина од почетокот на руската инвазија од ланскиот 24-ти февруари.
Портпаролот, исто така, рече дека ЕК во петокот на амбасадорите на земјите членки им го претставила 11-от пакет санкции против Русија, кој ќе биде првенствено насочен против оние кои ѝ помагаат на Русија во избегнувањето на санкциите, откако стана евидентно дека санкциите без преседан во историјата не доведоа до посакуваното од Западот уривање на руската економија.
Европската комисија вообичаено не ги објавува предлозите за санкциите, додека не ја добие согласноста од државите членки, за коишто ќе се разговара следните денови.
Но според дипломатски извори, Комисијата предлага да се создаде законска регулатива за ограничување на извозот во земјите за коишто постојат сомневања дека наводно ѝ помагаат на Русија во заобиколувањето на санкциите. Така, тоа би требало да се однесува на трети страни.
Мерката се опишува како своевидно средство за одвраќање, а доколку и тоа не биде ефикасно, ЕУ би можела да воведе забрана за извозот на производи со двојна намена, цивилна и војна, во одредени земји.
Како што претходно беше наведено во медиумите, на листата санкционирани би можеле да се најдат и неколку кинески компании.
Во врска со таквите информации, непосредно пред патувањето на кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг на турнеја по европските земји Германија, Франција и Норвешка, портпаролот на министерството Ванг Венбин порача дека Кина ќе ги заштити своите интереси во случај на санкциите на ЕУ против седум кинески технолошки компании поради испорака на нивна опрема во Русија.
„Ако медиумските извештаи се покажат како вистинити, ваквите дејствија од европската страна сериозно ќе ја поткопаат меѓусебната доверба и соработка меѓу ЕУ и Кина“, истакна тој на брифингот.
На прашањето да ги коментира информациите дека седум кинески компании наскоро би можеле да бидат под санкции на ЕУ поради испорака на опрема за Русија, тој одговори дека „европската страна не треба да згреши, инаку Пекинг ќе биде принуден решително да ги заштити своите рационално оправдани законски права“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.