Финска повторно ќе ја затвори целата граница со Русија за да го запре протокот на баратели на азил, изјави денеска министерката за внатрешни работи на земјата Мари Рантанен, само неколку часа откако Хелсинки стави крај на двонеделното затворање на сите премини меѓу двете земји.
Финските власти тврдат дека неодамнешното зголемување на бројот на баратели на азил кои пристигнуваат преку Русија е оркестриран потег на Москва како одмазда за одлуката на оваа нордиска земја да ја зголеми одбранбената соработка со САД, пренесува Ројтерс.

„Сега тој феномен повторно започна и ќе ја затвориме целата граница“, рече Ратанен во парламентот.

Во ноември повеќе од 700 луѓе без валидни патни документи влегле во Финска преку Русија, поради што Хелсинки ја обвини Москва дека ги насочува мигрантите во Финска.

Кремљ, пак, ги отфрла сите обвинувања.

„Неопходно е да им се наложи на финските граничари да одржат консултации со руските граничари и да ја претстават целата загриженост на финската страна. Потребно е да се разгледаат сите точки, да се најде заемно прифатливо решение или да се добие објаснување“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.