Претставници на шпанското претседателството со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент доцна синоќа постигнаа привремен договор за предложениот закон за кибер отпорност, чија цел е да се обезбеди гаранција дека дигиталните производи ќе бидат во согласност со стандардите за кибер безбедност пред да бидат пуштени во продажба на пазарот на Унијата.

Според шпански министер за дигитална трансформација, Хозе Луис Ескрива овој договор претставува пресвртница кон безбеден и сигурен единствен дигитален пазар во Европа.

Дигиталните уреди имаат потреба од основно ниво на кибер безбедност кога се продаваат во ЕУ, со што ќе се осигури дека деловните субјекти и потрошувачите се соодветно заштитени од кибер закани. Токму тоа ќе се постигне откако ќе стапи во сила закон за кибер отпорност, нагласи Ексрива, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, новиот закон воведува единствени барања за кибер безбедност поврзани со дизајнирањето, развојот, производството и продажбата на хардверски и софтверски производи, со цел да се избегне преклопување на барањата кои произлегуваат од различните законодавства во земјите членки на ЕУ.

Регулативата се однесува за сите дигитални производи кои директно или индиректно се поврзани со друг уред или на мрежа, како домашни камери, фрижидери, телевизори или играчки. Од одредбите од овој закон се исклучени некои производи, како медицински помагала, аеронаутичка опрема или автомобили, чии кибер безбедносни стандарди се веќе регулирани со други акти на ЕУ.

Усогласениот текст на законот во основа ги задржува првичните предлози на Европската комисија во делот на правилата за одговорноста на производителите за усогласеност со одредбите, за обврските на увозниците и дистрибутерите на дигиталните производи, за транспарентност на безбедноста на хардверските и софтверските производи, како и за рамката за контрола на спроведувањето на правилата.

Измени се направени во делот на поедноставување на методологијата за класификација на дигиталните производи, определувањето на очекуваниот век на траење на производот, обврските за известување во случај на инциденти, како и во однос на периодот во кој производителите треба да се прилагодат на новите барања, кој сега се предлага да биде три години по стапувањето во сила на законот.

Договорени се и дополнителни мерки за поддршка на малите и микро претпријатијата, конкретни активности за подигање на свеста и за обука за кибер безбедноста, како и за поддршка за тестирање и процедури за оценка на усогласеноста со правилата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.