Европејците се уште се изложени на прекумерни количини бисфенол А, штетна хемикалија позната како БПА која со децении се користи во производството на одредени пластични производи, објави Европската агенција за животна средина на крајот на минатата недела. Агенцијата на ЕУ соопшти дека примероците од урина собрани од Европејци во неколку земји откриле дека изложеноста на БПА останува „значително над прифатливото ниво на здравствена безбедност“ и претставува потенцијален ризик за милиони луѓе.
БПA е синтетичка хемикалија која широко се користи во пластични и метални садови за храна, шишиња со вода за повеќекратна употреба и цевки за вода за пиење. Дури и во мали дози, хемикалијата може да го ослаби имунолошкиот систем, велат од агенцијата. Други здравствени проблеми што може да ги предизвика БПА вклучуваат неплодност и алергиски реакции на кожата.
Бисфенол А и два други бисфеноли кои се користат како замена за БПА беа измерени во урината на 2.756 возрасни лица од 11 земји: Хрватска, Чешка, Данска, Франција, Финска, Германија, Исланд, Луксембург, Полска, Португалија и Швајцарија.
Нивото на пречекорување варира помеѓу 71 и 100 отсто“, објави ЕЕА со седиште во Копенхаген за 11-те земји. „Благодарение на револуционерниот истражувачки проект на ЕУ за човечки биомониторинг, можеме да видиме дека бисфенол А претставува многу пораширен ризик за нашето здравје отколку што се мислеше – рече извршната директорка на ЕЕА, Леена Ила-Мононен.
Мораме сериозно да ги сфатиме резултатите од ова истражување и да преземеме повеќе активности на ниво на ЕУ за да ја ограничиме изложеноста на хемикалии кои претставуваат ризик за здравјето на Европејците, додаде таа.
БПА со години е забранета во пластични шишиња и амбалажи кои содржат храна за бебиња и мали деца во ЕУ. Во февруари 2018 година, блокот, исто така, воведе построги ограничувања на БПА во сите материјали што се во контакт со храна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.