Кралот Чарлс Трети и кралицата Камила го избраа официјалното јадење на свечената прослава на неговото крунисување. Тоа ќе биде – киш (на француски: quiche) – солена пита од ровко тесто.

На интернет-страницата на кралското семејство, свеченото јадење е опишано како „киш со крцкаво, лесно тесто и деликатни вкусови на спанаќ, повеќе видови грав и свеж естрагон“.

Кралот и кралицата го споделија рецептот на својот официјален Твитер-профил. Оригиналната замисла, инаку, била на кралскиот готвач Марк Фланаган и избрана од Чарлс и Камила во соработка со него. Поранешниот готвач во Бакингемската палата – Дарен Мекгрејди рече дека изборот на кралот не е изненадување, бидејќи Чарлс сака сѐ што содржи јајца и сирење.

Бакингемската палата соопшти дека кишот е избран затоа што може да се служи и топло и ладно, одговара на широк спектар на барања и вкусови и е лесно прилагодлив. Според наводите, една предност е и тоа што не е премногу сложен и не налага скапи или тешко достапни состојки.

За крунисувањето на покојната кралица Елизабета Втора во 1953 година, ладното пилешко во крем-сос од кари беше послужено со добро зачинета салата од ориз, зелен грашок и мешани билки, а наменето за гостите на забавата во палатата по свеченоста



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.