Украина денеска го затвори својот парламент од безбедносни причини, еден ден по рускиот напад со нова хиперсонична балистичка ракета врз воен објект во градот Днипро.
На 22 ноември беше планирана седница на Врховната Рада, на која требаше да има прашања за владата, но тоа беше откажано од причини поврзани со потенцијални безбедносни проблеми – објави украинскиот јавен медиумски сервис Суспилна.
Британскиот весник „Индипендент“ пишува дека од украинските пратеници било побарано да ги отстранат семејствата од делот на Киев каде се наоѓаат владините институции, а следната седница на парламентот не е закажана пред декември.
На социјалните мрежи утрово се појавија информации за неколку експлозии кои одекнаа во Киев.
Украинската агенција ТСН објави дека детонации се регистрирани во регионите Киев, Дњепропетровск и Суми.
Бугарската веб-страница Факти објави дека е прогласена тревога за воздушна опасност во регионите Дњепропетровск, Житомир, Киев, Полтава, Суми и Чернихив.
Најмалку четири експлозии одекнаа во градот Суми.
Киев Индипендент ги пренесува изјавите на локалните власти дека во ноќниот руски напад врз тој град со беспилотни летала Шахид загинале две лица, а 12 се ранети.
На местото на нападот биле испратени спасувачи, а операцијата за извлекување луѓе од урнатините продолжила во текот на утрото.
Воената администрација на регионот Суми не соопшти детали за нападот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.