Засега нема миграциски последици од случувањата во Израел и Газа од почетокот на месецот, изјави портпаролот на Европската комисија. Според него, Хамас е одговорен за тоа што жителите на Газа ги трпат последиците од израелскиот одговор.
Тој наведе дека Европска Унија изминатите денови тројно го зголеми буџетот за хуманитарна помош за Појасот Газа, што достигна 65 милиони евра. Според него, во тек се преговори со Египет за да може хуманитарната помош да стигне до погодените.

– Ги поздравуваме најавите на израелските власти за делумно обновување на снабдувањето со вода во Газа. Ако многу луѓе мора да бидат раселени, властите мора да избегнат тешки хуманитарни последици, посочи портпаролот на ЕК.

Тој додаде дека продолжува гранатирањето на Хамас врз главно цивилни цели во Израел, а ЕУ е во контакт со Саудиска Арабија, Катар, Обединети Арапски Емирати и Египет и очекува да бидат преземени активности за прекин на нападите на Хамас, со цел да не страдаат цивили во Појасот Газа.

– Хамас мора да престане да гранатира цели во Израел и веднаш да ги ослободи заложниците. Терористичката организација Хамас почна војна против Израел. Според ЕУ, Израел има право на самоодбрана според меѓународното право, истакна портпаролот.

Тој посочи дека ставот на ЕУ дополнително ќе биде разгледан на вонредниот онлајн состанок на Европскиот совет закажан за утре.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.