Европската унија ги објави уредбите за зауздување на растот на цените на енергијата, кои вклучуваат обврзувачки цели за намалување на електричната енергија и прераспределба на вишокот на приходите на енергетскиот сектор на крајните купувачи и потрошувачи.

За овие предлози денеска претпладне зборуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, а за нив ќе дискутираат министрите за енергетика на 27-те земји членки на Европската унија на вонредниот состанок закажан за 30-ти септември.

Како прв одговор на проблемот со високите цени, ЕК предлага намалување на побарувачката, во прв ред во периодот на најголемите оптоварувања, кога струјата е најскапа. ЕК предлага и обврска за намалување на потрошувачката на електричната енергија за најмалку 5 отсто во текот на избрани часови во текот на најголемото оптоварување. Државите членки притоа ќе мора да утврдат 10 отсто од часовите со највисока очекувана цена и да ја намалат побарувачката во текот на тие ткн ударни часови.

Комисијата, исто така, предлага државите членки да настојуваат да ја намалат вкупната побарувачка на електрична енергија за најмалку 10 отсто до 31-ви март 2023 година. На државите членки им се препушта самите да ги изберат соодветните мерки за постигнување на ова намалување на побарувачката, што може да вклучува финансиски надомест за оние коишто штедат.

Комисијата оценува дека намалувањето на побарувачката во периодот на ударното (најголемото) оптоварување би ја намалило потрошувачката на гасот за 1,2 милијарди кубни метри во текот на зимата.

Како втора мерка, ЕК предлага одредување горна граница за приходите за „инфрамаргиналните“ произведувачи на електрична енергија, односно за централите со помали трошоци кои не го користат гасот за производство на струката, туку обновливи извори на енергија, нуклеарната енергија и лигнитот.

Имајќи предвид дека цените на електричната енергија се одредуваат според најскапиот енергенс, а којшто веќе подолг период е гасот, тие инфрамаргинални произведувачи остваруваат исклучителни приходи со релативно стабилни оперативни трошоци.

Комисијата предлага одредување горна граница на приходите од инфрамаргиналните произведувачи во износ од 180 евра за мегават/час. Со тоа на произведувачите ќе им се овозможи да ги покријат своите трошоци во вложувањата и оперативните трошоци без нарушувања на вложувањата во нови капацитети.

Приходите над горната граница ќе ги собираат владите на државите членки на ЕУ, а ќе се користи за помош на потрошувачите на енергијата да ги намалат своите сметки.

За оние држави членки кои произведуваат многу малку електрична енергија и се потпираат на увозот да не дојдат во неповолна позиција, бидејќи немаат од кого да ги земаат таквите приходи, ЕК им предлага на земјите членки „во духот на солидарноста да склучат билатерални договори за поделба на делот од инфрамаргиналните приходи коишто државата на производство ги собрала во полза на крајните корисници во државата членка со ниско ниво на производство на електрична енергија“.

Таквите договори треба да бидат склучени до 1-ви декември 2022 година, доколку нето увозот на електричната енергија во државата членка од соседната земја членка изнесува најмалку 100 отсто.

Како трета мерка, ЕК предлага привремен солидарен придонес за вишокот добивка остварена во дејностите во секторите нафта, гас, јаглен и рафинериите кои не се опфатени со инфрамаргиналната горна граница на приходот.

Тој временски ограничен придонес би ги задржал поттикнувањата за вложувањето во „зелената транзиција“. Државите членки би го собирале врз основа на добивката од 2022 година која е за најмалку 20 отсто поголема од просечната добивка од претходните три години. Приходите би ги собирале државите членки и би ги пренасочиле на потрошувачите на енергијата, особено на ранливите домаќинства, тешко погодените претпријатија и енергетски интензивни индустрии.

Европската комисија засега се откажа од идејата да ја ограничи цената на гасот, но најави дека за тоа детално ќе разговара со државите членки.

„Комисијата детално ќе дискутира со државите членки за најдобрите начини за намалување на цените на гасот, со анализа на различните идеи за горните граници на гасот и јакнењето на улогата на енергетската платформа на ЕУ во поттикнувањето склучување договори за пониски цени со добавувачите преку доброволна заедничка набавка“, наведува извршното тело на ЕУ.

Рекордните цени на гасот започнаа во Европа уште минатата есен. Прво ЕУ според својот трет енергетски пакет ги опструираше долгорочните договори особено со руски „Газпром“ со што енергенсот доби практично берзански статус што влијае на цената. Уште повисоко побарувачката и следствено цената на гасот на континентот скокна кога есента 2021 година, по отворањето на поскапите азиски и јужноамерикански пазари по пандемиските ограничувања кога европските земји ги продадоа своите резерви.

Историскиот рекорден раст на цените продолжи годинава, со почнувањето на војната во Украина поради што ЕУ ѝ наметна сеопфатни санкции на Русија, којашто со нив ги правда намалените испораки во Европа како и затворањето на гасоводите од страна на Германија, Полска и Украина. На тоа се надоврзува и одлуката на ЕУ да се откаже од зависноста од рускиот гас и барањето на земјите од Унијата нови правци на снабдување со гасот што засега тешко се остваруваат. Се надоврза и ембаргото врз извозот на руската нафта, и сушата која го намали производството на електрична енергија, а истовремено и поради високите температури ја зголеми потрошувачката поради ладењето на просториите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.