Десницата во Италија убедливо победи на изборите за гувернери и советници во италијанските региони Лацио и Ломбардија, објавија италијанските медиуми.

Конечните резултати од гласањето во северниот регион Ломбардија покажуваат дека Атилио Фонтана, кој е претставник на партијата „Лига“ на Матео Салвини, е реизбран за регионален гувернер. Тој освои 54,67 отсто од гласовите. Неговиот главен ривал, Пјерфранческо Маиорино, кандидат на Обединетата левица, која ги вклучува Демократската партија, Зелените и „Движењето 5 ѕвезди“, доби само 33,93 отсто. На третото место се најде Летиција Морати, кандидатка на центристите. Таа доби 9,87 отсто од гласовите.

Одѕивот на гласачите во областа беше 41,68 отсто.

Партијата „Браќа на Италија“ на премиерката Џорџа Мелони, го освои првото место на изборите за регионална администрација во Ломбардија. Таа освои 25,18 отсто од гласовите. Партијата „Лига“ освои само 16,53 отсто, а „Форца Италија“ на Силвио Берлускони освои 7,23 отсто.

Демократската партија во Ломбардија освои 21,82 отсто од гласовите, „Движењето 5 ѕвезди“ 3,93 отсто, а центристичкиот „Трет пол“ 4,52 отсто.

Резултатите од гласањето во регионот на Лацио покажуваат дека таму победува кандидатот на Обединетата десница, Франческо Рока, чија кандидатура беше главно поддржана од премиерката Мелони. Тој добива 53,88 отсто. Така Лацио преминува од левицата кај десницата.

На второ место се најде кандидатот на Демократската партија и центристичкиот „Трет Пол“, Алесио Д’Амато. Тој освои 33,5 отсто од гласовите, а Донатела Бјанки, кандидатката на „Движењето 5 ѕвезди“ се најде на третото место со 10,76 отсто.

Излезноста на гласачите во Лацио беше 30,72 отсто.

Во битката за локалниот совет во Лацио, „Браќа на Италија“ води со 33,63 проценти, а по нив следат „Лига“ и „Форца Италија“ со 8,52 односно 8,43 проценти…

Во двата региони се бележи намалување на одѕивот на гласачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.