Пред да станеме поголеми, ќе мора да станеме подобри, па затоа ЕУ ќе мора да се реформира пред да биде подготвена за проширување и за прием на нови членки, изјави вечерва во Брисел, белгискиот премиер Александер де Кро.

– Потребна ни е Европска Унија што ќе биде способна да носи одлуки на побрз начин, задржувајќи го своето единство и што ќе биде поефикасна во искористувањето на ресурсите, истакна Де Кро на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по средбата на еврокомесарите со министрите во белгиската Влада со која официјално беше инаугурирано претседавањето на Белгија со Советот на ЕУ.

Де Кро нагласи дека односите меѓу претседателството со Европскиот совет и Европската комисија се исклучително важни и нивната соработка е од круцијално значење, додавајќи дека сето она што ќе го работи Белгија ќе биде насочено кон интересите на европските граѓани и нивната благосостојба.

– Нашето претседавање доаѓа во значајно време. Како никогаш досега жителите на Европа гледаат кон ЕУ со јасни очекувања да ги заштити, да ја зајакне нивната благосостојба и да ја подготви нивната заедничка иднина, порача Де Кро.

Според него, заедничката иднина за Европа е неодвоива од безбедноста и стабилност на Украина и тие се гаранција за колективната безбедноста и сигурноста на ЕУ и нејзиното население.

Тој изрази надеж ЕУ ќе постигне договор за финансиска поддршка на Украина, нагласувајќи дека не гледа причини зошто и овој пат како и многу пати досега кога имало сомнежи во тоа, Унијата не би постигнала договор и за ова прашање.

– Живееме во турбулентен свет, не само во Украина, туку и на Блискиот Исток и на многу други места. Ние како Европејци многу често ги сносиме најголем дел од последиците од случувањата во светот. Но, она што ние како ЕУ треба да го направиме е да предводиме не само во дискусиите, туку и во активностите и да влијаеме на она што се случува во светот, истакна Де Кро.

Тој се осврна и на клучните приоритети на белгиското претседателство, посебно нагласувајќи го спроведувањето на Европскиот зелен договор во интерес на граѓаните и на индустријата, како и усогласување на следната институционална рамка на ЕУ, потенцирајќи дека е сега е време Европа да испорача.

Фон дер Лајен, од своја страна, нагласи дека Белгија многу пати играла важна улога во европската историја, па така и сега белгиското претседателство доаѓа во клучен момент за ЕУ, кога треба да се заврши постапката за усвојување на многу клучни законодавни досиеја, како прашањата за миграцијата, конкурентноста, зелената и дигиталната транзиција или социјалните права.

– Главен приорите треба да биде поддршката на Украина. Сите сведочевме на неодамнешните брутални воздушни напади на Русија врз цивилни цели во Украина. По неодамнешната историска одлука за старт на преговорите со Украина, мора брзо да се движиме напред во стабилизација на финансиската помош за земјата, додаде Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека Европската комисија ќе предложи оперативно решение за се постигне заеднички договор за Механизмот за поддршка на Украина, по што Белгија како претседавач ќе има клучна улога за негово усвојување во институциите на Унијата.

– Еден од приоритетите ќе биде и да ја подготвиме ЕУ за иднината. Мојата Комисија во последната година од својот мандат ќе продолжи да го прави токму тоа… Согласно одлуките од последниот Европски самит мора да се подготвиме за проширувањето на ЕУ и за време на белгиското претседателство ќе излеземе со предлог за политички ревизии. ЕУ треба да биде Унија што испорачува и зајакнува, па да работиме на тоа, додаде Фон дер Лајен.

Во рамки на официјална инаугурација на претседавањето на Белгија со Советот на Европската Унија еврокомесарите имаа средби со ресорните белгиски министри за приоритетите на Белгија во претседавањето со ЕУ, за Стратешката агенда на Унијата, како и за работната програма на Комисијата, по што се одржи пленарен состанок со кој ќе претседаваа Фон дер Лајен и Де Кро.

Инаугурацијата завршува вечерва со официјалното отворање на Палатата на фини уметности во Брисел и прием во организација на белгискиот крал Филип и кралицата Матилда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.