Белгија се стреми до крајот на нејзиното претседавање со ЕУ во јуни 2024 година, да биде усвоен нов миграциски пакт на Европската Унија, најави белгискиот премиер Александер Де Кро во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

Според него, сегашниот миграциски модел на ЕУ „се заснова на среќа“ и сите лостови за контрола на миграцијата ги става во рацете на трговците со луѓе.

Овој модел не им користи ниту на земјите од југот, кои се лишени од нивниот главен економски ресурс, ниту на европските земји домаќини, кои се соочени со прилив на мигранти со кој не можат да се справат, додаде Де Кро.

Тој најави дека новиот миграциски пакт што ќе го иницира белгиското претседателство со Унијата ќе обезбеди „секоја земја на ЕУ да го прави она што треба да го направи“ и ќе се зајакнат заедничките граници на блокот.

Де Кро истакна дека Белгија има намера да се бори и против главните причини за миграцијата, како сиромаштијата и недостигот на економски можности, преку развивање меѓународни партнерства меѓу ЕУ и земјите на тразит и потекло на мигрантите.

Според него, ваквите договори ќе овозможуваат да се изградат посилни институции и да се воспостават правила кои ќе бидат исти за сите.

– Решавањето на проблемот со миграцијата значи создавање легални средства за одење во Европа, преку програми за пронаоѓање таленти и образование и за зајакнување на општествата на земјите домаќини, додаде белгискиот премиер.

Според него, една од причините зошто младите луѓе „во толпа бегаат од своите земји“ е климатската криза, која е главниот елемент што ги нарушува општества, па затоа Белгија во својство на претседавач со ЕУ ќе се посвети и на позелено индустриско производство, „чисто производство, но и на зелена хемија, зелено производство на челик, зелени градилишта“.

Најава дека миграцијата ќе биде едно од приоритети на белгиското преседавање со ЕУ во неколку наврати даде и државна секретарка за азил и миграција на Белгија, Никол де Мур во контекст на спорот предизвикан од нејзината одлука белгиската Федерална агенција за прием на баратели на азил (Федасил) повеќе да не им обезбедува сместување на барателите на азил-самци, со цел, како што рече, во услови на „зголемен прилив на семејства со деца“ да има доволно места за нивно загрижување и да се избегне опасноста „деца да останат на улица во текот на зимата“.

Според Де Мур, притисокот на големиот број баратели на азил со кој се соочува Белгија е прашање за кое се потребни реформи на ниво на ЕУ.

– Белгија жестоко ќе притиска да се унапреди работата на миграцискиот пакт на ЕУ, кога ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ на почетокот на следната година, најави Де Мур



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.