Можам да потврдам дека војници од Северна Кореја се испратени во Русија, а севернокорејски воени единици се распоредени во областа на Курск, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Според него, распоредувањето на севернокорејските трупи во Русија претставува значајна ескалација на тековното вклучување на Северна Кореја во илегалната руска агресија, уште едно прекршување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и опасно проширување на војната.
– НАТО ги повикува Русија и Северна Кореја веднаш да престанат со овие акции, изјави Руте по заседанието на Северноатлантскиот совет на кое учествуваше и делегација на Јужна Кореја и на кое, како што нагласи, се расправало за „зголемената вмешаност на Северна Кореја во илегалната агресивна војна на Русија против Украина“.
Јужнокорејската делегација вклучувала високи претставници од Националната разузнавачка служба и на Министерството за национална одбрана на земјата, кои заедно со некои од сојузниците од НАТО ги споделиле своите разузнавачки проценки.
– Продлабочувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја е закана и за индо-пацифичката и евроатлантската безбедност. Таа го поткопува мирот на Корејскиот Полуостров и ја поттикнува руската војна против Украина. Пјонгјанг веќе и достави на Русија милиони парчиња муниција и балистички ракети кои поттикнуваат голем конфликт во срцето на Европа и ги поткопуваат глобалниот мир и безбедност, рече Руте.
Според него, во замена, рускиот претседател Владимир Путин и дава на Северна Кореја воена технологија и друга поддршка за заобиколување на меѓународните санкции.
– Ова ја покажува важноста демократиите да стојат заедно за да ги поддржуваат нашите вредности и да се соочат со нашите заеднички безбедносни предизвици. Распоредувањето на севернокорејските трупи во Курск е исто така знак за растечкиот очај на Путин, додаде Руте.
Тој истакна дека над 600.000 руски војници се убиени или ранети во „војната на Путин“ и тој не може да го издржи нападот врз Украина без странска поддршка, бидејќи Украинците возвраќаат со храброст, издржливост и генијалност.
– Сојузниците на НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат слободна и демократска Украина, бидејќи безбедноста на Украина е наша безбедност. Денеска разговаравме за потребата од дополнително зајакнување на воената поддршка за Украина. Активно се консултираме во рамките на Алијансата, со Украина и со нашите индо-пацифички партнери за овие случувања и продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата, изјави Руте, информирајќи дека за денеска има закажано разговори со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол и со украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.