Балтичките и други европски земји, кои беа вознемирени од коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон за безбедносни гаранции за Русија, синоќа официјално го изразија своето неодобрување и ѝ ја објаснија својата позиција на Франција.

Во интервју за француската TEF1 емитувано на 3 декември, Макрон рече дека Европа мора да ја подготви својата идна безбедносна архитектура и да размисли „како да ѝ даде на Русија гаранции за нејзината безбедност на денот кога ќе се врати на преговарачка маса“.

Украина и балтичките земји веднаш ги осудија зборовите на шефот на француската држава. Француското претседателство и Министерството за надворешни работи се обидоа да ги минимизираат, но се чини дека во некои кругови несогласувањето сè уште не е исчезнато, јавија западни медиуми.

Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ, помогна да се организира поддршка за формална дипломатска изјава позната како „демарш“.

Според дипломатски извори, за демаршот се залагале балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија, како и Полска и Словачка. Западни медиуми не можеле да утврдат колку земји вкупно го поддржале тој потег, ниту дали Чешка е меѓу нив.

Според дипломатите, минатата недела Чешка испратила предлог за демарш до земјите-членки на Европската унија. Во документот се вели дека претходните обиди на Русија за европска безбедносна архитектура имале за цел да ја поделат и ослабат Европа.

Во неофицијалниот документ се наведени аспектите на соработката и дијалогот со Русија, почнувајќи од договорот НАТО-Русија од 1997 година и завршувајќи со предлозите од декември минатата година, кои вклучуваат гаранции што ги бара Москва, велат дипломатите.

Чесите заедно со уште неколку претставници на земјите од ЕУ синоќа ја доставија конечната верзија на демаршот на шефот на директоратот „Континентална Европа“ во француското Министерство за надворешни работи.

Претставник на француското претседателство во петокот изјави дека нема ништо ново во зборовите на Макрон, додавајќи дека тие се во согласност со ставот на Украина дека ќе има преговори на крајот на војната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.