Владејачката британска Конзервативна партија во средата од својата пратеничка група го исклучи пратеникот кој вакцинирањето против Covid-19 го спореди со холокаустот на Евреите во Втората светска војна.

Сајмон Харт, конзервативецот задолжен за дисциплина на партиските колеги, изјави дека пратеникот Ендрју Џејмс Бридџен „ја минал границата“.

Дезинформациите за вакцината предизвикуваат штети и чинат животи, тврдеше Харт и најави суспендирање на Бридџен „со моментален ефект, до официјалната истрага“.

Оваа одлука значи дека Бридџен повеќе не се смета за член на ториевската пратеничка група во парламентот, што го намалува мнозинството на премиерот од редовите на конзервативците Риши Сунак.

Бридџен, долгогодишен критичар на вакцините против коронавирусот, претходно средата на Twitter објави линк до напис за нуспојави од вакцините за коронавориусот додавајќи „Како што ми рече еден кардиолог консултант, ова е најголемото злосторство против човештвото уште од холокаустот“.

Владејачките конзервативци брзото вакцинирање во Велика Британија го сметаат едно од главните нивни постигнувања на нивната власт, тврдејќи дека вакцините спасиле неброени животи и ѝ овозможило на земјата побрзо да ја напушти политиката на „затворања“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.