Британскиот министер за внатрешни работи Џејмс Клеверли се соочува со повици да поднесе оставка откако се пошегува дека ставил дрога за силување во пијалокот на својата сопруга.

Клеверли се извини по неговата „иронична шега“ на приемот во кабинетот на премиерот Риши Сунак, само неколку часа откако Министерството за внатрешни работи ги објави плановите за сузбивање на „спикинг“, односно подметнување дрога за силување во пијалоци.

Но, групата за права на жените, Fawcett Society, рече дека неговите зборови се „вознемирувачки“ и го повика Клеверли да поднесе оставка.

Добротворната организација за семејно насилство Women’s Aid посочи дека од витално значење е министрите сериозно да го сфатат проблемот со подметнување дрога.

Клеверли им рекол на гостите на настанот на Даунинг стрит дека „малку рохипнол во нејзиниот пијалок секоја вечер“ не е „всушност нелегално ако е само малку“, објави весникот Sunday Mirror.

Клеверли, исто така, се пошегува дека тајната на долгиот брак е да бидете сигурни дека вашата партнерка е „некој кој секогаш е благо седатиран за никогаш да не сфати дека постојат подобри мажи“.

Министерот за внатрешни работи ја запознал својата сопруга Сузи на универзитет и со неа има две деца.

Разговорите на приемите во Даунинг стрит обично се сфаќаат како „неофицијални“и за нив не се известува, но „Сандеј Мирор“ одлучи да го прекрши тоа непишано правило поради ставот и темата на Клеверли.

Соработници на Клеверли потенцираа дека неговите коментари биле дадени во приватен амбиент, но тој признава дека биле несоодветни.

Клеверли веќе ја опиша борбата против насилството врз жените и девојчињата како „личен приоритет“, а подметнувањето дрога го нарече „перверзен“ криминал



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.