Претседателот на Боцвана, Мокгвици Масиси и се закани на Германија дека ќе испрати до 20.000 слонови, незадоволен што Берлин го критикува ловот на слонови и извозот на трофеи што неговата земја, според него, ги практикува за да го регулира бројот на овие животни.
Масиси за германскиот весник Билд изјави дека не се шегува што сака да пресели 20.000 слонови.
Би сакале да и го дадеме овој подарок на Германија, рече Масиси, додавајќи дека „нема да прифати никакво одбивање“.
Боцвана, земја без излез на море во јужна Африка, е дом на најголемата популација на слонови во светот, околу 130 илјади, со кои заедничкиот живот често е тежок, рече претседателот, наведувајќи ги нападите врз луѓе, села и земјоделски култури.
Критиките на германското Министерство за животна средина, предводено од екологистите, се однесуваат на трофеите за лов на слонови за богати западни клиенти.
Што се однесува до „подарокот“ предвиден од претседателот Масиси, германското министерство изјави дека „Боцвана сè уште не остварила контакт“ на оваа тема.
Во 2019 година, Боцвана ја укина целосната забрана за лов, воведена пет години порано за да се смени падот на популацијата на слонови и други видови. Тоа предизвика незадоволство кај екологистите. Комерцијалниот лов е исто така важен извор на локален приход.
Оттогаш, Боцвана секоја година одлучува за квотата на животни што може да се ловат. Минатата година, земјата и понуди осум илјади слонови на Ангола и 500 на Мозамбик во 2022 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.