Американскиот државен секретар Антони Блинкен се состана со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг во Пекинг на почетокот на дводневните разговори со кинеските претставници.

Посетата е прва на американски дипломат на Кина по речиси пет години.

Американските власти велат дека главната цел на Блинкен во Кина е повторно воспоставување канали за комуникација, особено директна комуникација меѓу Вашингтон и Пекинг, како и да се стабилизираат односите кои станаа крајно напнати.

„Се надевам дека овој состанок може да помогне да се вратат кинеско-американските односи на она што двајцата претседатели го договорија на Бали“,

напиша помошникот министер за надворешни работи Хуа Чунјинг на Твитер кој го придружуваше Чин за време на разговорите.

Посетата на Блинкен на Кина доаѓа речиси пет месеци откако претходната посета на Блинкен беше одложена, по летот на осомничен кинески шпионски балон во воздушниот простор на САД.

САД ги намалуваат очекувањата за патувањето и двете страни јасно ставија до знаење дека не очекуваат некој голем напредок, пренесува Би-би-си.

Кина организира воени вежби во близина на Тајван, кој Пекинг го смета за составен дел на Кина. САД одржуваат блиски врски со демократски избраната влада на Тајван.

Агендата за посетата на Блинкен вклучува средби со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг и високиот кинески претставник за надворешна политика Ванг Ји.

Војната во Украина, трговските спорови околу напредните компјутерски технологии и кршењето на човековите права во Кина се темите на кои Американците очекуваат да се разговара.

Кинеските власти, како што пренесува Би-би-си, ладно реагирале на посетата на Блинкен прашувајќи се дали САД се искрени во напорите за подобрување на односите.

Не е јасно дали Блинкен ќе се сретне со кинескиот претседател Си Ѓинпинг.

Блинкен е највисокиот функционер на американската влада што ја посетил Кина откако претседателот Џо Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година.

Состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и Си Ѓинпинг, на Бали во ноември, накратко ги намали стравувањата од нова Студена војна, но комуникацијата на високо ниво меѓу двајцата лидери е ретка по инцидентот со балонот.

„Она што работиме да го направиме на ова патување е навистина да го продолжиме она за што се договорија претседателот Бајден и претседателот Си на Бали на крајот на минатата година, а тоа беше да се воспостават постојани, редовни линии на комуникација на високи нивоа низ нашите влади токму за да можеме да бидеме сигурни дека комуницираме што е можно појасно за да избегнеме, што е можно подобро, недоразбирања и погрешни комуникации“,

рече Блинкен во петокот пред неговото заминување за Кина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.