Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко вели дека Западот ќе спречи секој обид за дестабилизација на Косово и на регионот и дека нема да се толерира никаков обид на Србија да ја премине „црвената линија“.
Во интервју за црногорскиот портал „Актуелно“, Бисерко вели дека Западот не ѝ простил на Србија за нападот на 24 септември во Бањска кај Звечане, во северно Косово, кога загина припадник на косовската полиција и тројца од групата Срби кои го извршија нападот.
Фактот што веднаш беше испратено засилување на КФОР во Косово покажува дека Западот е подготвен да го заштити Косово и да спречи било каква „екскурзија“ од Србија. Сепак, Косоварите стравуваат дека може да има уште изненадувања од Белград. Во сегашните геостратешки околности безбедноста стана приоритет на Западот и во таа смисла ќе биде спречен секој обид за дестабилизација на Косово. Ова е црвена линија и нема да се толерира ниеден обид на Белград да се впушти во нови авантури. Бањска не ѝ се прости, но на Србија не ѝ се воведоа санкции, вели Бисерко.
Според српската активистка за човекови права, Западот, особено САД, очекува претседателот на Србија, Александар Вучиќ по денешните парламентарни избори да го исполни она што го ветил, „а тоа главно е спроведување на германско-францускиот план за нормализација“ на односите со Косово.
Упадот на српските пара-единици на косовскиот север беше еден вид аларм за западната меѓународна заедница, бидејќи стана јасно дека Белград не се откажал од плановите за поделба на Косово. Бидејќи досега нема официјален извештај за тој настан, освен демантот на Белград дека учествувал во него, брзата реакција на НАТО, САД и ЕУ покажува дека нема да се дозволи ескалација и дестабилизација на Балканот. Тоа ја наруши довербата во претседателот Вучиќ, но очигледно се уште се смета на него, меѓутоа во значително изменети околности, изјави Бисерко за „Актуелно“.
Сепак, нагласува таа, „мора да се има предвид дека Белград одолговлекува со сите ветувања во очекување на промена во Белата куќа, со нагласено навивање за (Доналд) Трамп“.
Белград очекува дека покрај Русија, тогаш и со новата американска администрација, изгледите за реализација на „српски свет“ би биле сосема реални, вели Бисерко.
За можните резултати од изборите што се одржуваат денеска, Бисерко рече дека има многу анализи кои покажуваат дека партијата на Вучиќ, Српска напредна странка (СНС), „нема да го добие мнозинството, но сепак е доминантна партија“.
Вучиќ вешто го насочи вниманието од егзистенцијалните прашања на прашањето за Косово, кое сé уште има многу висок емотивен потенцијал. За жал, опозицијата падна во таа замка, иако ќе ја чека ова прашање доколку победат на изборите. Речиси сите се изјаснија против француско-германскиот план за Косово, рече Бисерко.
Според неа, Србија, „за жал, се уште не се оддалечила од национализмот, кој Вучиќ и во овој случај го користеше како главен адут со тезата за заканата од Србите во регионот“.
Мора да се каже дека општеството е толку многу уништено што го загуби демократскиот потенцијал за промени и реформи, заклучи Бисерко во интервјуто за црногорскиот медиум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.