Костарика, земја во која површинското ископување е забрането, стана светски лидер во екстракција на тешки метали како што е литиумот. Тоа, сепак, не се врши од под земја, туку од старите батерии.
Фабриката за рециклирање „Фортек“ е основана пред речиси три децении во градот Картаго, 27 километри од главниот град Сан Хозе, а вработените ја нарекуваат „урбан рудник“.
Секоја година во светот се фрлаат милиони батерии. Иако куќиштето на батеријата се деградира во период од 100 години, отровните метали во него никогаш не се распаѓаат.
„Фортек“ најде „рудник за злато“ во екстракција на тешки метали од батериите, со што на планетата и обезбедува патоказ за спас.
Сега знаеме дека тоа не е отпад. Знаеме дека тоа е ресурс што може повторно да се искористи. На светот му треба кружна економија која рециклира скапоцени примарни материјали наместо да зема сосема нови. Важно е да се скршат парадигмите“, вели за АФП, Гилермо Переја, извршен директор на „Фортек“.
Переја (54), заедно со синот Франциско (25) смислиле нов метод за вадење метали од потрошените батерии.
„Бело злато“
Ископувањето на литиум често се изведува во услови кои се штетни за животната средина, работниците и локалните жители. Но, во „Фортек“, целиот литиум доаѓа од 1.500 тони потрошени батерии кои се фрлаат во Костарика секоја година, објаснува менаџерот на проектот, Франциско Переја.
Искористените батерии се собираат во трговски центри, продавници за електроника или продажни салони за електрични автомобили.
Литиумот го нарекуваат „бело злато“ или „нафта на 21 век“, а во последните години неговата цена експлодира на светскиот пазар. Во ноември 2020 година, вредноста на литиумот беше 5.700 долари за тон, а во септември 2022 година неговата вредност се искачи на 60.500 долари по тон поради зголеменото производство на електрични автомобили.
Сепак, погоните за производство на литиум трошат милиони литри вода и можат да бидат штетни за животната средина. Но, кога литиумот се извлекува од рециклирани батерии, се ослободува само четвртина од јаглеродниот диоксид што ја загрева планетата во споредба со ископувањето на литиум, тврди Хенри Прадо, хемичар во „Фортек“.
Тој објаснува дека рециклирањето придонесува за намалување на загадувањето на животната средина предизвикано од „вообичаениот метод на отстранување“ на литиумските батерии, кои обично едноставно се фрлаат.
Според Американското хемиско здружение, само пет проценти од сите литиум-јонски батерии во светот се рециклираат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.