Продолжува руската опсада на Бахмут. Градот, кој пред војната броеше околу 70.000 жители, денеска е сведен на околу 5.000 кои се под притисок на гранатирања и борби кои во последните недели се претворени и во улични, па и подземни и секојдневно ескалираат.

Руските сили, потпомогнати од платеничката група „Вагнер“, веќе половина година се обидуваат да го заземат градот на што украинските одбранбени сили, барем засега, одолеваат и ги одбиваат нападите. И едните и другите се фокусирани на зацртаните цели и покрај големите загуби што ги бележат во луѓе и опрема.

Градот кој, според западни аналитичари, освен симболична, нема преголема стратешка вредност, стана втор Мариупол и синоним на украинскиот отпор во војната со Русија. Претседателот Володимир Зеленски нареди задржување на позициите на украинските сили во и околу градот, со намера да се нанесат што поголеми загуби на Русите, но и за купување на време за долгонајавуваната пролетна контраофанзива на Украинците.

Последните сателитски снимки од Бахмут во кој реката Бахмутка, која го дели на северен и на јужен дел, е линија на фронтот. Оштетени мостови, патишта и згради, малиот индудстриски град во регионот на Доњецк, на украинскиот исток, е претворен во град на ужасот и зона на немилосрдно убивање меѓу двете страни.

Воени дејствија на руските сили се забележани и на други локации во реонот на Доњецк. Ракетни напади и гранатирања се забележани и во градот Константиновка кој е под контрола на Украинците. Украинските власти јавија дека Русите во нападите користеле ракети С-300 и касетна муниција, пришто биле повредени осум цивили и десетина објекти на цивилната и критичната инфраструктура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.