Австрискиот парламент одлучи да го прекине печатењето на весникот „Виенер цајтунг“, еден од најстарите дневни весници во светот, кој во иднина ќе се чита само во дигитална форма.
320-годишниот дневен весник отсега ќе се печати само како месечник, одлучи конзервативно-зелената коалиција и покрај острите критики од уметниците и опозициските партии.
Дневникот е основан во 1703 година, тогаш под името Wienerisches Diarium (Виенски дневник) и бил официјален весник на Хабсбуршката монархија.
Во 2021 година, владејачката коалиција одлучи весникот, во сопственост на австриската влада, да престане да објавува огласи на компании, што беше главниот извор на неговото финансирање.
Австриската писателка и добитничка на Нобеловата награда Елфриде Јелинек и уметникот Андре Хелер се некои од истакнатите луѓе кои се обиделе да го зачуваат печатеното издание.
Опозициските претставници ја критикуваа одлуката бидејќи сметаат дека со неа се осиромашува медиумскиот простор.
„Тоа е удар врз медиумската политика и култура“, рече заменик-претседателот на Социјалдемократската партија (SPÖ), Јерг Лајхтфрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.