Парите што емигрантите им ги испраќаат на своите роднини во Албанија продолжиле да се зголемуваат во првите шест месеци од годинава, јави дописничката на МИА од Тирана.

Според платниот биланс на Централна банка на Албанија, во периодот јануари-јуни 2022 година дознаките на емигрантите изнесуваат околу 376 милиони евра, што е раст од 10,6 отсто во однос на истиот период минатата година.

-Ова е највисоко ниво на дознаки од 2010 година, соопшти Банката.

Италија и Грција водат како земји од кои доаѓа најголем прилив на средства, поради големиот број емигранти кои живеат и работат во овие земји, а потоа следат Англија, Германија, Швајцарија и САД.

Во Албанија секое четврто семејство добива приходи од свои блиски кои се во странство, што се покажува како единствен извор на егзистенција за огромното мнозинство од нив. Со овој приход живеат вкупно 220 илјади семејства, во отсуство на друг извор.

Според експертите, зголемувањето на дознаките е фактор кој покажува дека во овие месеци економската состојба на албанските семејства се влошила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.