Советот на амбасадори смета дека итно треба да се смират емоциите, да се промислува државнички и да се делува трезвено, бидејќи до решение може да се дојде само низ преговори помеѓу двете дипломатски служби, соопшти денеска Советот во врска со, како што оценува, растечките тензии во македонско-бугарските односи, кои ескалираат до посериозни размери по непосакуваните инциденти во Охрид, но и со серијата нетолерантни ставови на високи бугарски државници за перспективите на македонските евроинтеграциски процеси.

Нагласувајќи дека со големо внимание и загриженост ги следи овие случувања, Советот на амбасадори потенцира дека „алтернативи нема, освен засилен конфликт, чии димензии уште потешко ќе се контролираат, кој на крајот на краиштата и тогаш мора да заврши со преговори, како што завршувале сите големи конфликти низ историјата, само со далеку повисока цена“.

Ние, членовите на овој Амбасадорски совет веруваме дека и во Бугарија има промислени луѓе кои разбираат дека ниедно вето или долготрајна блокада, особено ваква, при изработено и заслужено членство на нашата земја во ЕУ, не е ништо друго освен негативен удар и за нашите соседи, но и за целиот југоисточен регион на Европа! Единствено целосната македонска европска интеграција и непостоењето на било какви граници, вета и други бариери помеѓу двете земји ќе доведе до создавање атмосфера за надминување, решавање и премавнување на сите отворени македонско-бугарски прашања и предизвици, се наведува во соопштението на Советот.

Од таму оценуваат дека за македонската држава останува задачата да изнајде начин и да отвори можности, пред ЕУ да се претстават несоборливи аргументи дека сите бугарски условувања за побрз влез на земјава во оваа влијателна политичко-економска заедница се неосновани и надвор од европскиот дух, но и од духот на актуелната историска епоха.

Европската интеграција беше создадена за да се овозможи амбиент за изградба на доверба помеѓу народите и државите, но како рамноправни членки на Европската Унија и со непречена соработка и комуникација помеѓу граѓаните, институциите и економиите. Советот на амбасадори потсетува на достоинствениот чин на Германија која пред повеќе децении изнајде политичка волја и сила да се извини за големите неправди и злосторства што во минатиот век му ги нанесе на човештвото. ЕУ тоа искуство може да го користи и низ дијалогот со земјите-членки во врска со македонската интеграција низ процесот на преговори, се потенцира во соопштението.

Советот смета и дека консензусот при одлучувањето во Унијата веќе претставува сериозна пречка за развојот на ЕУ и ја повикува сè поактивно да размислува одлучувањето за некои важни прашања, како што е и приемот на нови членки, да го направи поефикасно врз принципот, консензус минус еден или минус два.

Тоа се решенија од интерес и за самата ЕУ, заклучува Советот на амбасадори.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.