Најпознатиот спортски настан во Македонија, Визер скопски маратон, ќе се оддржи на 2.10.2022 (недела) со препознатливите трки како носители на најголемата и традиционална спортска манифестација, којашто сите љубители на трчањето од земјата и пошироко со нетрпение ја очекуваат секоја година.

Трките кои секоја година се дел од најомилениот спортски настан во државата – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон, – „ЕУ за спортот“ и трката на 5км ќе почнат точно во 8:00 часот.

Директорот на Визер скопски маратон, Кире Синадиновски, на денешната прес-конференција најави дека се менува дел од патеката по која се трчаше изминативе години.

Новата патека е измерена од меѓународен лиценциран мерач и се здоби со А сертификат од АИМС и Светската атлетска федерација. Целта е плоштадот „Македонија“ со кој се враќа традиционалниот финиш на патеката по што беше препознатлив маратонот.

Учесниците на трката на 5 км ќе тргнат од „Рекорд“ и трчаат во правец на Аеродром, додека тркачите на маратон, полумаратон и штафетниот маратон ќе стартуваат од старата Градска болница „Св. Наум Охридски“ во правец на плоштад и продолжуваат преку ул. „Теодосиј Гологанов“ кон Хром.

„Огромна чест ми е што сум сведок и дел од големиот тим кој е заслужен за организација и на годинешното 18. издание на најпознатата атлетска манифестација во Македонија, Визер скопски маратон. Оваа година на сите четири трки – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – „ЕУ за спортот“ и трката на 5 км, – ќе трчаат над 8.500 учесници. Маратонот како и секоја година, така и оваа ќе биде домаќин на квалитетни натпреварувачи. Пријавени се натпреварувачи од над 47 земји од целиот свет, со што покажуваме дека овој спортски настан е веќе препознатлив на светско ниво. На сите тркачи им посакувам лесни нозе и да ги соборат своите најдобри времиња“, изјави Синадиновски.

Директорот на Визер скопски маратон изрази огромна благодарност до организаторите на маратонот – Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски клуб „Работнички“, Министерство за внатрешни работи (МВР) како партнер на маратонот, како и до покровителите на маратонот – Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија, Агенцијата за млади и спорт, како и до сите волонтери кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодишното издание.

Синадиновски ги потсети сите тркачи, кои сè уште го немаат подигнато својот стартен пакет, дека ќе имаат шанса истото да го направат уште денес и утре (30.9.2022 и 1.10.2022) во „Веро Џамбо“ од 11:00 19:00 часот. Подигнувањето на пакетот ќе може да се изврши само со документ за идентификација или потврдена порака на е-пошта од пријавата.

Прес-конференцијата се одржа во хотел „Парк и спа“, каде свое обраќање имааа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.