Демантот на ВМРО-ДПМНЕ следува по денешната прес-конференција на градоначалничката Данела Арсовска која изјави дека поранешниот директор на МКЦ, Ванчо Богоев, незаконски ангажирал над 250 лица во институцијата, а меѓу нив, како што кажа, има и лица кои ѝ се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ

Разрешениот директор на МКЦ не е член на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат попладнево од опозициската партија во демант на обвинувањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска која на денешната прес-конференција изјави оти поранешниот в.д. на МКЦ бил вработен на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и дека во неговиот 12-месечен директорски мандат, меѓу другите, во институцијата незаконски ангажирал членови и функционери на партијата.

На денешната прес-конференција Арсовска изјави дека поранешниот директор на МКЦ, Ванчо Богоев, незаконски ангажирал над 250 лица во институцијата, а меѓу нив, како што кажа, има и лица кои ѝ се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Одлучно и во целост ја демантираме градоначалничката Данела Арсовска и нејзините лажни тврдења дека разрешениот директор на МКЦ, Ванчо Богоев, е член на ВМРО-ДПМНЕ. Секако дека тоа што посочениот директор не е член на партија не значи дека лошо си ја врши работата и тоа не треба да биде причина за чие било разрешување. Арсовска нека смогне сили да не ја меша ВМРО-ДПМНЕ во нејзините погрешни одлуки. Нема ден да нема скандал и нема ден Арсовска да не е во конфликт самата со себе, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на буџетот на МКЦ за 2023 година, кој според Арсовска е незначително намален во однос на ланскиот, од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека не се работи за симболично, туку за драматично намалување на буџетските средства од 40 милиони на два милиони денари.

Тоа што МКЦ имал зголемени приливи од сопствени средства и избори е само доказ дека менаџментот добро работел и не може да биде причина за казнување и намалување на парите за работа. Затоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ ќе поднесе предлог за зголемување на средствата и буџетот на МКЦ и другите институции од областа на културата под Град Скопје, се вели во соопштението.

Говорејќи за назначувањето на новиот в.д. директор на чело на МКЦ, од партијата посочија дека честите смени на директори од институциите на Град Скопје зборуваат за нестабилниот, конфликтен и несигурен карактер на градоначалничката, кои, како што велат, дополнително внесуваат несигурност во функционирањето на институциите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.